Женската ракометна репрезентација на Македонија ја очекува бараж двомечот проти Украина за пласман на Светското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска.
Голманот на „црвено-жолтите“, Јована Мицевска пред мечот со Украина вели дека таа и нејзините соиграчки треба не 100, туку 200 отсто од себе да дадат за да го исполнат сонот Светско првенство.
„Атмосферата во репрезентацијата е на одлично ниво. Има голема меѓусебна мотивација затоа што знаеме што не очекува. Веќе неколку месеци знаеме со каква репрезентација треба да се соочиме. Сега ни остануваат уште неколку дена за финалните подготовки. Сметам дека Украина е репрезентација по мерка и верувам дека ќе дадеме не 100, туку 200 отсто за да се пласираме на едно големо Светско првенство и да ги оствариме нашите цели и соништа“, изјави Мицевска.
Македонија првиот натпревар против Украина го игра на 8. април (сабота) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, додека реваншот кој ќе се игра на неутрален терен во Унгарија е закажан за 11. април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА