Претседателот на Ракометната репрезентација на Македонија, Живко Мукаетов, на денешниот состанок на Управниот Одбор даде своја оценка за настапот на сениорската репрезентација на СП во Полска.
„Факт е дека направивме голем успех со пласманот добивајќи тешки ривали како Романија и Чешка. Од друга страна, факт е дека на самото првенство ја добивме најсилната група, каде немаше ниту една слаба репрезентација бидејќи Холандија влезе со вајлд-карта. Со Норвешка одигравме коректно, но со Холандија заврши онака како што заврши, но поразот од Аргентина беше големо разочарување за сите нас. На Президент-купот младите ракометари добија шанси и мислам дека резултатите беа сосема добри“, прокоментира првиот човек на македонскиот ракомет.
Тој потенцираше дека она што е неопходно во моментов е да биде продолжен култот на играње за репрезентацијата, по серијата (не)очекувани откажувања во мартовскиот двомеч со Португалија.
„Би сакал да кажам дека е многу важно да го задржиме оној култ за играње за репрезентацијата, бидејќи тоа е најголема чест и привилегија, да ја претставуваш сопствената држава. Затоа треба да се мобизилираме сите, да разговараме со играчите и да им го пренесеме тоа да го разберат и да доживеат – дека е светост да се игра за Македонија. Ние сме им благодарни и на Лазаров, Миркуловски, Стоилов… кои некогаш и со една нога играле за Македонија, истото го очекувам и од сегашните репрезентативци, како и од идните членови на националниот тим. Ова е смена на генерација што мораше да дојде, сметам дека имаме потенцијал, ја направивме со обезбеден континуитет од големите натпреварувања. Јас сум оптимист дека прво ќе се пласираме на ЕП, а потоа од првенство на првенство ќе растеме со квалитет. Ние како РФМ сме тука за Македонија, ќе се бориме секогаш да биде подобро, одредени порази нема да не обесхрабрат“, изјави Мукаетов.
Воедно, Управниот Одбор на РФМ изгласа ракометарите да поделат два милиони денари како награда за обезбедениот пласман на ЕП 2024. по завршувањето на квалификациите з аовој шампионат.
Селекторот Кире Лазаров во својот извештај до Управниот Одбор потенцираше дека самиот пласман е голем успех, искажа разочарување за поразот од Аргентина, но и изрази оптимизам за подобри резултати во иднина.
„Остваривме голем успех со самиот пласман на тој светски шампионат, за првпат успевајќи да минеме две рунди во баражот, против селекции кои беа водени од одлични имиња како Чави Пасквал и Сабате. За нас беше најважно да се пласираме и тоа го остваривме, но за жал не стигнавме до резултатот што го посакувавме. Се согласувам дека можевме подобро во првиот круг, особено против селекцијата на Аргентина, против која потфрливме од многу причини. Норвешка и Холандија моментно се поквалитетни од нас, нешто што треба да го прифатиме како реалност, но и да продолжиме за напорна работа за што побрзо да се приближиме до нив. Пред нас сега се новите дуели со Турција и Луксембург, на кои треба да се мобилизираме и да ја оствариме целта, пласман на уште едно големо натпреварување на македонската репрезентација. Полека, но сигурно го градиме новиот победнички менталитет кај машката репрезентација“, порача Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА