Женската ракометна репрезентација на Македонија ја очекува бараж двомечот проти Украина за пласман на Светското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска.
Една од најдобрите македонски ракометарки Леонида Гичевска пред двомечот вели дека клучот за победа ќе биде играта во одбрана.
„Атмосферата во репрезентацијата е работна како за пред квалификациски натпревари. Нормално дека сите ние сакаме и очекуваме да победиме бидејќи и самите посакувавме противник како Украина, па затоа треба тоа да го искористиме. Пред се за да победиш било кој противник треба да бидеш барем просечен во одбраната, а најдобро е да бидеме одлични. Да ги спречиме нивните најопасни играчи и со тоа да помогнеме за добар ден на голманите. Од тука ќе можеме да извлечеме и брзи контри за крилата и добри полуконтри за нас бековите. Во нападот мора да играме смирено и организирано и нашите завршници да бидат преку нивните најслаби одбранбени играчи. Репрезентацијата на Украина не е за потценување, напротив имаа квалитетни ракометарки кои играат во силните првенства. Но, ако ние играма како што знаеме можеме да се пласираме на Светско првенство за кое сонуваме, а со тоа и да го прекинеме постот кој трае од 2007 година“, изјави Гичевска.
Македонија првиот натпревар против Украина го игра на 8. април (сабота) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, додека реваншот кој ќе се игра на неутрален терен во Унгарија е закажан за 11. април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА