Нема одмор за нашиот најдобар фудбалски женски судија, интернационалката Ива Пројковска, која се наоѓа во елитната група од 20 најдобри женски судии во Европа. Постојанo е на пат, речиси и нема време да го отпакува коферот со судиската облека. При крајот на март беше главен судија на четвртфиналната средба во Лига на шампионите на „Алијанс арената“ во Минхен меѓу Баерн и Арсенал (1:0). Неколку дена потоа отпатува за Лондон каде беше четврти судија на мечот во Лига на шампионите меѓу Челзи и Лион. По враќањето во Скопје, од страна на Судиската комисија на Фудбалската федерација на Македонија, беше ангажирана, за првпат во историјата на женскиот фудбал, на 2 април да суди еден меч во Првата лига на Македонија во машка конкуренција, во Тетово меѓу Шкендија и Победа од Прилеп. Доверената задача Пројковска ја изврши на општо задоволство на фудбалерите на двете екипи кои немаа никакви забелешки на нејзината арбитража.
Од Тетово, наредниот ден замина за Шпанија каде на стадионот во Ибица на 5 април беше главен судија на пријателската средба меѓу Шпанија и Норвешка (4:2),заедно со нејзините помошнички Вјолса Изеири и Елена Соклевска –Илиевска. И тука не е крај на нејзините судиски патешествија по Европа.
На барање на Судиската комисија на Србија, во договор со УЕФА, на 10 април на стадионот во Спортскиот тренинг центар во Стара Пазова, еден од најубавите на Балканот, ќе биде главен судија на пријателскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Јужноафриканската Република, заедно со помошниците Вјолса Изеири и Елена Соклевска- Илиевска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА