Во таборот на европскиот клупски кошаркарски првак Анадолу Ефес владее апсолутен хаос. Турскиот гигант не успеа да се пласира ниту во Топ 8 фазата од Евролигата за да ја брани титулата освоена лани, а рози не му цветаат ниту во домашното првенство, каде вчера претрпе пораз на гостувањето против Каршијака.
Вистинските проблеми за тренерот Атаман и клупската управа настанаа по тој пораз, откако дел од играчите одбија да се вратат со автобус назад од Измир во Истанбул. Не стануваше збор за никаква казна, туку Ефес задоцни на авионот и како резервен план требаше да се отпатува нешто повеќе од 500 километри со автобус.
Дел од играчите бурно реагираа, а Американците Шејн Ларкин и Вил Клајбурн категорично одбија да се качат во автобусот, останувајќи во Измир и чекајќи го летот со кој во текот на денешниот ден ќе пристигнат во Истанбул.
Нарушената тимска атмосфера е и повеќе од очигледна, јасно е дека Ларкинг и Клајбурн ќе бидат казнети за недисциплината, но тоа малку вреди во една сезона што е тотално разочарување. Повеќе од јасно е дека Ефес летово ќе мора да сврти нов лист, почнувајќи од тренерот Атаман, но и со „чистка“ на дел од „ѕвездите“ во екипата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

