Роберт Левандовски пристигна како суперзасилување во Барселона, добро ја почна сезоната во Ла Лига, но како што одминува времето така и формата на Полјакот забрзано се движи во надолна линија. Поради ова, каталонците сега се посериозно ја разгледуваат можноста за експресно да го продадат Левандовски, се со цел да создадат простор во буџетот за плати за големиот камбек на Лео Меси.
Барса ќе мора да продаде неколку „ѕвезди“ ако сака да направи простор за Меси, досега беа споменувани Фати и Де Јонг, но денеска за првпат се говори и за незадоволство од формата на Левандовски. Полскиот голгетер има 34 години и летово е можеби и последна шанса да се наплати неговиот трансфер со околу 50 милиони евра, пари што би биле добредојдени за Лапорта за пополнување на дупките во буџетот.
Левандовски тврди дека е среќен во Барселона, тимот е на чекор до титулата во Ла Лига, но за каталонците нема дилема – заминувањето на Полјакот е жртва што треба да се направи ако тоа би значело враќање на Лео Меси на „Камп Ноу“.
Доколку Левандовски стане достапен на пазарот, Манчестер Јунајтед и Тотенхем се клубовите од кои се очекува да влезат во трка за неговиот потпис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

