Џуд Белингем нема да дојде летово во Ливерпул и покрај желбата на фудбалерот да заигра за Јирген Клоп, за што англискиот репрезентативец беше подготвен да прифати и нешто помала плата од онаа што му ја нудеа останатите клубови. Клоп не криеше дека ангажманот на асот на Борусија Дортмунд е приоритет за летниот преоден рок, но како и многу пати претходно, управата не одговори на предизвикот, па доцна синоќе беше обелоденето дека Ливерпул се повлекува од трката по Белингем.
Причината е финансиска, „црвените“ немаат доволно средства за да го реализираат „ремонтот“ во средниот ред што е неизбежен по оваа катастрофална сезона на резултатски план. Ливерпул нема да биде дел од ЛШ наредната сезона, со што остана без планиран приход, што пак ќе се одрази врз буџетот за засилувања на Клоп. Токму поради ова, челниците решиле да ги прекинат преговорите со Белингем, јасно ставајќи до знаење дека со овој трансфер би ги затвориле можностите за други засилувања во тимот.
Белингем би го чинел Ливерпул над 150 милиони евра (отштета плус бонус за потпис на договорот), а „црвените“ планираат со тие пари да купат двајца до тројца нови фудбалери кои би ги замениле Кеита и Окслејд Чембрлен, а можеби и Фабињо, кој би можел да биде продаден во текот на летово.
На врвот на листата со желби на „црвените“ сега се наоѓа Мејсон Маунт од Челси, потоа Конор Галахер, исто така од Челси, како и Португалецот Матеуш Нуњеш од Вулверхемптон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

