Пролет му ги замрси сметките за Европа на Тиквеш

Ракометарите на Пролет направија вистински подвиг откако останаа непоразени на тешкото гостување во Кавадарци против Тиквеш, ремизирајќи 23-23. Скопскиот клуб зимава ги продаде дел од најдобрите ракометари, но и значително подмладен успеа да му парираа на кавадаречкиот состав, замрсувајќи ги сметките на Тиквеш во борбата за четвртото место кое значи и излез во ракометна Европа.

Првото полувреме од мечот во „Јасмин“ донесе израмнета игра, за Пролет да издоминира во завршните десетина минути. По минималното водство на Тиквеш од 8-7 следеа пет гола во низа на гостите од Скопје, кои го свртеа резултатот во своја полза и на одмор заминаа со предност од 10-13. Тиквеш успеа да се врати, израмнувајќи на 16-16, потоа и поведувајќи со еден гол предност (17-16). Кавадарчани имаат за што да жалат бидејќи имаа водство од 23-21, но Пролет се врати и со проектилот на Василевски на една минута до крајот стигна до израмнување (23-23). Домаќините имаа напад за победа што не го реализираа, па овој меч, исто како и првиот овосезонски меѓу овие ривали одигран во Кавадарци, заврши без победник.

Стефановиќ постигна пет, а Симиќ четири гола за Тиквеш на оваа средба, додека најистакнати во редовите на Пролет беа Андоновски и Василевски со по шест погодоци, како и голманот Петковски, кој имаше неколку важни интервенции во самиот финиш.

Се вчитува...