Уште едно големо признание за генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски добиено од страна на УЕФА.
Комисиите на УЕФА кои се грижат за натпреварите во Лигата на шампионите имаат огромна доверба во организациските способности на генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски, па токму поради тоа ја доби улогата на организациски директор на средбата што се одигра пред полните трибини на стадионот Сан Сиро, меѓу Милан и Наполи (1-0) во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
УЕФА по мечот ја истакна, преку посебно признание, одличната организација на дуелот предводена токму од генералниот секретар на ФФМ.
Поповски, годинашнава сезона од натпреварите во најсилното европско фудбалско натпреварување претходно беше и организациски директор на мечевите на Милан со Салцбург, Динамо, Челси и Тотенхем.
Македонските официјални лица се повеќе ја добиваат довербата на УЕФА на меѓународната сцена. И судиите Александар Ставрев и Ива Пројковска, контролорите Емил Божиновски и Димитар Мечкаровски, делегатите Васко Дојчиновски и Александра Пејковска, менаџерот за фудбал во ФФМ, Жарко Игњатовски, како и футсал-судиите Марјан Младеновски, Јосип Бартон и Доне Ристовски низ годинашнава сезона и тоа како често беа ангажирани во своите ресори од страна на комисиите на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА