Турски „Џевахир“ влегува во Работнички!

Во последните неколку години, многу се шпекулираше за преземање на Фудбалскиот клуб Работнички од страна на неколку инвеститори од странство, меѓутоа се чини и дефинитивно од следната сезона „романтичарите“ ќе имаат друг лик. ЕКИПА дознава дека клубот е веќе пред финален договор за продажба на турската компанија „Џевахир“.

„Џевахир“ е познат во Македонија по кулите во скопската населба Аеродром, највисоките згради во Скопје и во Македонија. Исто така во Турција имаат објекти како шопинг центар и главната автобуска станица во Истанбул, хотели и згради ширум Турција, аутлет центар во Трабзон, училишта и други објекти. Покрај тоа имаат и менаџерска агенција за фудбалери „Џевахир Менаџмент“ која е верифицирана во мај минатата година. Агенцијата под своја „капа“ го има репрезентативецот Александар Трајковски, како и некои играчи кои играат во нашата земја, односно Реналдо Цефас од Шкупи, Андреј Кировски од Гостивар, потоа Бујар Хајдари, Андреј Лазаров, Беким Реџепи, како и „новопечениот“ Македонец Арда Куртулан.

Според информациите, Турците имаат големи планови со Работнички, од кои сакаат да го вратат на старите патеки кога тимот освојуваше шампионски трофеи. Информациите кажуваат дека сегашното раководство на „романтичарите“ со претседателот Драган Поповски ќе остане и натаму во клубот, а може да има промени само на одредени функции во спортскиот дел на „романтичарите“.

Остануваат само уште финалните детали и договорот да биде потпишан, а ќе важи од идната сезона. Со тоа Работнички од идната сезона полека ќе го гради тимот кој ќе треба да го понесе товарот кон успеси, односно ПМФЛ, согласно најавите, ќе добие уште еден сериозен конкурент за титулата.

Работнички е четирикратен шампион на Макеонија од остамостојувањето. Последен пат тимот ја освои титулата пред девет години. Исто така има четири трофеи во Купот, последната во 2015 година. Клубот двапати ја освои двојната круна во 2007/08 и 2013/14. Во моментов Работнички е блиску да се бори за опстанокот, отколку за Европа. Токму тоа е целта на оваа сезона, да се обезбеди директен опстанок, а од следната сезона со нови финансиери кон подобри, шампионски денови за тимот од Дебар Маало.

Се вчитува...