Лазаров: Штета што загубивме, но вакви силни и неизвесни натпревари се одлични за македонскиот ракомет

Кире Лазаров беше видно разочаран откако неговиот тим Алкалоид претрпе минимален пораз од Еурофарм Пелистер, не успевајќи да го повтори подвигот од историскиот триумф над Вардар.

Македонската ракометна легенда сепак е убедена дека неговиот млад тим ќе извлече поука од овој пораз, искуство што ќе биде драгоцено за во иднина.

„Мене ми е драго што еве и кога ќе загубиме, губиме многу тесно со ривал како Еурофарм Пелистер, со квалитетни играчи ширум Европа и целиот свет. Мислам дека на крајот пресуди искуството, бевме блиску… не велам дека победата на Еурофарм не е заслужена, напротив, јас им честитам, но немаше да биде незаслужено и доколку конечниот исход беше поинаков. Од ваков пораз дефинитивно може многу да се научи, многу ни значат вакви натпревари против силни ривали, гледате дека и целокупното првенство е максимално интересно, што е одлично за македонскиот ракомет. Со вакви силни и неизвесни натпревари, македонските играчи можат уште повеќе да напредуваат“, изјави Кире Лазаров.

 

 

Се вчитува...