МЗТ Скопје денеска (18 часот, СЦ „Јане Сандански“) го игра својот последен натпревар во регуларниот дел од сезоната во АБА-лигата, на домашен терен против Цибона. „Металците“ пред три седмици се најдоа пред „невозможна мисија“, но победите над Задар и Сплит ги оставија на само еден чекор до сонот наречен опстанок во АБА1. Конкретно, за бегство од „фенерот“ и стигнување до посакуваното претпоследно место на табелата, на македонскиот првак му е потребно да ја совлада Цибона, а потоа и да чека пораз на Борац Чачак на тешкото гостување во Подгорица против фаворизираниот Будуќност, меч што е закажан за сабота со почеток во 19 часот.
МЗТ беше многу блиску до триумф над Цибона и во Загреб, кога домаќините се спасија со тројка во самиот финиш со која го одведоа мечот во продолжение, каде успеаја да слават. Денеска е одлична можност за одмазда, МЗТ пред голем број домашни навивачи да стигне до третата победа во серија и уште еден џиновски чекор кон обезбедување на опстанокот.
Драган Николиќ поради коронавирус го пропушти гостувањето во Сплит и големата победа што ја забележа неговиот асистент Васко Атанасов, а српскиот стратег се враќа на чело на екипата за денешниот решавачки дуел со Цибона.
„Играме против Цибона, квалитетна екипа што и покрај многуте проблеми пред почетокот на сезоната успеа предвреме да обезбеди опстанок. Тренерот Сесар одлично го води тимот, кој го освои и Купот на Хрватска, со што ги исполни целите и во тешка ситуација, со оглед на заминувањата со кои се соочи во текот на сезоната. За нас, постои само една опција – победа со која ќе останеме во игра за опстанок. Ќе сториме се за да го оствариме тоа и покрај кадровските проблеми со кои се соочуваме во текот на оваа седмица“, изјави Николиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА