Партизан вечерва го игра последниот меч од регуларниот дел од Евролигата против Панатинаикос, но „црно-белите“ веќе го осигураа пласманот во Топ 8 фазата благодарение на победата во минатото коло, на гостински терен против Монако.
Кевин Пантер беше херојот на тој меч постигнувајќи ја тројката за триумф, а Американецот во интервју за српските медиуми обелодени колку го цени тренерот Жељко Обрадовиќ. Српскиот стратег е најзаслужен што Партизан повторно блеска на големата сцена, а Пантер откри и детали непознати за јавноста, од периодот пред околу 12 месеци, кога белградскиот клуб беше елиминиран од Еврокупот.
„Жељко е еден и единствен, поради остроумноста и интелигенцијата. Но она што го прави посебен во однос на сите други, тој е извонредно човечко суштество. Мислам дека многу луѓе не го забележуваат тоа бидејќи се интересираат само за кошаркарскиот ефект, но Жељко е човек и пол, поради начинот на кој се однесува секојдневно, на кој се грижи за другите. Ќе ви откријам една работа – мината година кога испаднавме од Еврокупот, ни кажа нешто што го немав слушнато од тренер во професионалната кариера. Ни кажа: Уживајте во животот! Многу тренери сакаат само да победуваат, не ги интересира што ви се случува приватно, Жељко не само што се грижи, туку искрено ви посакува да уживате во животот. Животот е поголем, позначаен од кошарката. Некој можеби мисли дека постои таа дилема – кошарката или ништо. Но сите ние имаме семејства, приватни проблеми и убаво е кога знаеш дека имаш поддршка од тренер како Жељко Обрадовиќ“, открива Пантер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА