Фудбалската репрезентација на Македонија би можела да остане без еден од противниците во квалификациите за ЕП 2024 по најновиот украински закон со кој Владата на оваа земја им забрани на националните селекции да учествуваат во натпреварување во кои дел се и спортисти или национални селекции на Русија и на Белорусија.
„Забрана за учество на официјални делегации или национални репрезентации на Украина во меѓународни спортски натпреварувања од кои дел се и спортисти од Русија и Белорусија“, се вели во дел од новата законска одредба што синоќа беше официјално објавена во Киев.
Како што е веќе познато, Русија е суспендирана од УЕФА, но репрезентацијата на Белорусија е дел од квалификациите за ЕП 2024. Иако двете земји не се наоѓаат во иста група, станува збор за исто натпреварување што согласно наведеното во новиот закон би значело забрана за украинската фудбалска репрезентација да учествува во овој квалификациски циклус.
Јасно е дека УЕФА ќе изврши притисок да не дојде до фијаско и повлекување на украинскиот национален тим, но останува да се види дали украинските власти ќе останат доследни на својата последна законска одлука или ќе „замижат“ бидејќи реално нема да дојде до дуел меѓу селекциите на Украина и Белорусија.
Веќе во следното коло од овие евро-квалификации Украина треба да гостува во Скопје на репрезентацијата на Македонија, па останува да се види каква разврска ќе има новонастанатата ситуација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА