Жалгирис го фати последниот воз за четвртфинале во Евролигата

Жалгирис е последниот четвртфиналист во кошаркарската Евролига откако литванскиот гигант славеше на клучното гостување против Баерн Минхен со 80-83, освојувајќи го осмото место на табелата пред шпанска Басконија. Дуелот во Минхен беше израмнет во првите три четвртини, за во последните десет минути Жалгирис да се одлепи и да дојде до исклучително важен триумф. Жалгирис имаше „плус десет“ на две минути до крајот, но Баерн успеа да дојде на само еден поен разлика. Сепак, Лекавичиус и Улановас беа прецизни од линијата за слободни фрлања, за голема радост на гостите од Литванија и нивните навивачи во арената во Минхен.

Партизан во супердраматичен финиш успеа да го совлада Панатинаикос со 83-81, за печат на одличната сезона на „црно-белите“. Гостите од Атина водеа речиси цел натпревар, имаа „плус 18“ во втората и „плус 11“ во четвртата четвртина, но Партизан се врати и стигна до победата благодарение на тројката на Нанели. Ексум со 18 и Пантер со 17 поени беа најефикасни во победничкиот состав.

Барселона забележа победа во шпанскиот дуел против Валенсија (85-71), резултат со кој каталонскиот гигант стигна до „котата два“ на табелата во пресрет на плејофот, пред вечниот ривал Реал Мадрид. Миротиќ со 18 и Абринес со 15 поени ги предводеа стрелците кај победничкиот тим, додека најефикасен кај Валенсија беше Харпер со 14 поени, единствениот со двоцифрен ефект во таборот на гостинскиот тим.

Европскиот првак Анадолу Ефес го совлада Монако со убедливи 87-72, пирова победа ако се знае дека Ефес веќе ги имаше загубено шансите за пласман во четвртфиналето. Плајс со 21 поен и 12 скокови беше најзабележителен во победничкиот тим, додека прв стрелец на Монако во денешниот пораз беше Макунду со 16 поени.

Се вчитува...