Расте несогласувањето меѓу претседателот и навивачите на лидерот на табелата во Серија А Наполи. Италијанските медиуми јавуваат дека полицијата му одредила задолжителна придружба на Аурелио де Лаурентис, првиот човек на клубот од „Диего Армандо Марадона“ стадионот, бидејќи постојат основани стравувања за неговата безбедност.
Најжестоките поддржувачи на клубот од Неапол беа бесни по поразот од Милан со 4-0 минатиот викенд, протестирајќи против високите цени на билетите и безбедносните мерки на стадионот некогаш познат како „Сан Паоло“.
За целата ситуација не придонесе тоа што избраниците на Лучијано Спалети повторно загубија од Милан неколку дена подоцна. Беше тоа во четвртфиналниот натпревар од Лигата на шампионите, а на тој натпревар „росонерите“ победија со 1-0.
Наполи има големо водство на врвот на табелата во Серија А и ита кон првото Скудето по повеќе од три децении и деновите кога легендарниот Аргентинец Диего Марадона го носеше синиот дрес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА