Алкалоид ја доби скопската пресметка со Пролет

Алкалоид експресно се врати на победнички патеки во ракометниот плејоф откако избраниците на Кире Лазаров славеа во скопската пресметка, на гостински терен против Пролет со резултат 22-28. Пролет и со подмладен состав одлично му парираше на третопласираниот тим на табелата, „пулените“ на Лембанов успеаја целосно да се вратат во второто полувреме, но немаа сили во финишот да направат целосен пресврт.

Пролет имаше почетни водства од 1-0 и од 2-1, но гостинскиот состав набрзина го сврте резултатот во своја полза. Грешките во нападот на Пролет беа безмилосно казнувани од страна на ракометарите на Алкалоид, кои предводени од Стојков (пет гола во првото полувреме) успеаја да се одлепат и набрзина да поведат со 3-7. Тајмаутот на Лембанов ја консолидираше играта на домашниот тим, кој до крајот на полувремето намали на 11-14.

Првите петнаесетина минути од второто полувреме минаа целосно во знакот на Пролет, домаќините умешно ја истопија предноста на фаворитот и преку капитенот Ласко Андоновски израмнија на 20-20. При овој резултат Пролет имаше и напад за водство, но Мајнов имаше погрешно додавање по што Алкалоид од нов контранапад се врати во предност. Домашниот состав имаше пенал за израмнување при 21-22, но Пецаковски го погоди директно во главата голманот Трајковски, за што доби директен црвен картон (втор за вакво нешто на искусниот Пецаковски во плејофот). Алкалоид беше подобар ривал во завршните десетина минути, успевајќи целосно да се одлепи и на крајот да триумфира со конечни 22-28.

Стојков и Ѓоргиев постигнаа по пет погодоци за победничкиот тим, четири реализираше Савревски, додека најефикасни во таборот на Пролет беа Василевски со шест и Андоновски и Пецаковски со по четири гола.

Се вчитува...