Невидено фијаско: ЦСКА на Рајковиќ прокоцка „плус 16“ во последната четвртина и повторно загуби од Локомотив

Емил Рајковиќ и ЦСКА Москва делуваа импресивно во регуларниот дел од сезоната во ВТБ-лигата, но овој клуб сега се наоѓа на работ на елиминација откако го загуби и вториот меч во низа во полуфиналната серија со Локомотив Кубан. Откако беа поразени во Москва, избраниците на Рајковиќ потфрлија и на денешното гостување во Кубан, и тоа со катастрофално издание во последната четвртина, во која прокоцкаа 16 поени предност и на крајот загубија со 84-81.

И без големиот ас Никола Милутинов во тимот, Рајковиќ успеа да ги мотивира своите кошаркари, кои одиграа беспрекорно и уште во првата четвртина стигнаа до водство од убедливи 11-25. Гостите делуваа во тотална контрола се до последната четвртин во која ЦСКА влезе со водство од 16 поени (53-69). Сепак, Локомотив со одлична серија успеа да се врати, намалувајќи на 74-75 на три и пол минути до крајот.

Во супердраматичен финиш, ЦСКА имаше 76-81 и напад на околу 90 секунди до крајот, но тимот на Рајковиќ потфрли кога беше најважно, па Локомотив со две реализации „два плус еден“ поведоа со 82-81 на половина минута до крајот на мечот. Вер ја презеде одговорноста, но најефикасниот во таборот на ЦСКА промаши шут преку човек, по што Локомотив со две прецизни слободни фрлања стигна до конечните 84-81. Тимот на Рајковиќ имаше уште еден напад за израмнување, но обидот за тројка на Мур беше непрецизен, за нов шокантен пораз на ЦСКА во ова полуфинале.

Се вчитува...