Ова е планот на Лапорта: Барса мора да собере најмалку 100 милиони евра од трансфери, кој ќе си замине

Жоан Лапорта успеа да надмине голем дел од финансиските проблеми со кои се соочи од моментот на враќање на чело на Барселона, но претседателот на каталонците сега се соочува со нов предизвик – да обезбеди буџет за во клубот да го врати Лео Меси. И на самиот Лапорта му е јасно дека со моментниот буџет тоа е невозможна мисија, па затоа мора експресно да скрои, но и да реализира план за да отвори простор за да може да го комплетира камбекот на аргентинскиот генијалец на „Камп Ноу“.

Како што јавува каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“, Барселона ќе мора да продаде неколку фудбалери и да заработи најмалку 100 милиони евра од тие трансфери, како почеток на „операцијата Меси“. Истиот извор наведува и кои се фудбалерите за кои се очекува да бидат ставени на трансфер-листа за ова да се реализира.

Прв е Ансу Фати, младиот бисер кој ја зеде „десетката“ на Меси по заминувањето на Лео, но честите повреди го исфрлија од ритам. Одличниот офанзивец не добива соодветна минутажа, Чави не смета сериозно на него и Барса е подготвена да го продаде додека Фати се уште има добра вредност на пазарот. Се најавува дека каталонците ќе бараат 70 милиони евра (на крајот би се согласиле и на нешто пониска отштета), а најзагреани за Фати се челниците на Тотенхем, кои сакаат шпанскиот репрезентативец да го направат најскапо засилување во клупската историја.

Бразилецот Рафиња дојде како суперзасилување од Лидс, но не ги оправда очекувањата, згора на тоа во последно време често влегува во конфликт со Чави во моментите кога е повлекуван од теренот. За него постои интерес од Челси и од Манчестер Јунајтед, а Барса би можела да заработи околу 70 милиони евра.

Феран Торес е уште еден фудбалер што не е најстандарден кај Чави и би можел да си замине ако пристигне добра понуда, а за него каталонците ќе бараат 35 милиони евра, помала сума од онаа што ја платија на Манчестер Сити за да го доведат на „Камп Ноу“.

Простор во буџетот за плати ќе се отвори со заминувањето на Бускетс, кој е меѓу најплатените играчи во тимот, а Барса е заинтересирана и за продажба на Кеси. Екс-фудбалерот на Милан начелно добро ги одработува минутите кои ги добива кога е на теренот, но за него постои сериозен интерес од Премиер-лигата и Лапорта би бил подготвен за трансфер ако некој од клубовите се согласи да плати 40 милиони евра.

Во ситуација кога е договорен и слободниот трансфер на Ињиго Мартинез од Атлетик Билбао, се очекува од клубот да си замине и Ерик Гарсија. Шпанскиот репрезентативец веќе е далеку од стандарден како дефанзивец, Чави експериментира со него како играч за врска, па доколку Барселона добие понуда од околу 25 милиони евра за екс-играчот на Манчестер Сити, веднаш ќе следи зелено светло за трансфер.

Опции има многу, но Лапорта ќе настојува што поголем дел од овие трансфери да комплетира до крајот на месец јуни, за потоа на самиот почеток од јули да може да го официјализира камбекот на Меси. Останува да се види кој од овие фудбалери ќе си замине од Барселона, а кој ќе остане да ги брани боите на каталонскиот гигант и во наредната сезона.

Се вчитува...