Наполи ја одреди цената за Осимен – проблем за Баерн и за Манчестер Јунајтед

Виктор Осимен го предводи Наполи до титула во Калчо-лигата, но многу извесно е дека извонредниот голгетер потоа во текот на летниот преоден рок ќе си замине од тимот за кој настапува и нашиот Елиф Елмас. Преговорите за нов договор се веќе извесно време стопирани, а и на претседателот Де Лаурентис му станува јасно дека летово ќе биде вистински момент за продажба на највредниот фудбалер во тимот.

Првиот човек на Наполи уште пред извесно време најави дека Осимен вреди над 100 милиони евра, а по елиминацијата од ЛШ тој ја утврдил и конкретната цена што ќе ја бара за нигерискиот голгетер. Како што јавува „Газета дело спорт“, италијанскиот тим ќе бара огромни 150 милиони евра за одличниот стрелец, што ќе биде најскап трансфер на еден фудбалер што си заминува од Серија А.

Баерн Минхен делуваше најзагреано за Осимен, но сумата што ја бара Наполи дефинитивно ќе биде проблем за баварскиот гигант ако се знае дека баварците не сакаат да трошат богатство на еден фудбалер. Манчестер Јунајтед исто така е во потрага по нов класичен напаѓач, но „црвените ѓаволи“ најпрвин ќе треба да продадат неколку стандардни првотимци за да имаат доволно пари да учествуваат во трката по Осимен.

Во моментов најреална опција за овој фудбалер делува ПСЖ, кој ќе има простор во буџетот за скапо засилување за нападот ако се остварат најавените заминувања на Нејмар и на Меси.

Се вчитува...