Еурофарм Пелистер лесно и убедливо славеше на гостувањето против Пролет со 17-30, покажувајќи дека се наоѓа во одлична форма пред репрезентативната пауза, но и во пресрет на големото дерби со Вардар закажано за почетокот на месец мај. Цврстата одбрана беше заштитен знак на битолчани на овој меч, на кој избраниците на Александар Јовиќ без никаква мака прокнижија нови бодови на табелата. Пролет пред неколку дена одлично му парираше на Алкалоид, но младиот тим на Лембанов немаше сила да повтори такво издание, па претрпе нов пораз во плејофот.
Домашниот капитен Ласко Андоновски постигна два гола во почетните минути, а Пролет на стартот во неколку наврати имаше по еден гол предност. Последен пат при 5-4, резултат при кој Пролет имаше и напад. Сепак, во тој период домаќините влегоа во серија грешки, Еурофарм предводен Петар Атанасијевиќ направи пресврт и набрзина поведе со 5-8. Серијата од десет минути без гол на Пролет ја прекина младиот Тотиќ, но битолчани продолжија да доминираат до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 9-15.
Еурофарм Пелистер не застана, туку го засили уште повеќе темпото во второто полувреме, во кое избраниците на тренерот Јовиќ набрзина стигнаа и до двоцифрена предност (10-20). Гостите продолжија со цврста одбрана, па на десет минути до крајот имаа само тринаесет примени погодоци (13-26). Победникот беше одамна решен, па битолчани рутински го приведоа натпреварот до крај, славејќи со конечни 17-30.
Петар Атанасијевиќ со шест гола беше прв стрелец на „пелистерци“, додека по четири постигнаа Стевановиќ, Васиљев и Суси. Најефикасни кај Пролет денеска беа Димковски и Димов со по три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА