Прокоцкана титула: Арсенал едвај спаси бод против „фенерџијата“ Саутемптон

Арсенал изврши „самоубиство“ во трката за титулата во Премиер-лигата откако одиграм само 3-3 на домашен терен против „фенерџијата“ Саутемптон. Лидерот на табелата мора да биде и задоволен ако се знае дека до 88. минута имаше негатива од 1-3, но со фуриозен финиш успеа да спаси барем бод, но и да загуби нови два (ова беше трето реми во низа за Арсенал) во трката за титулата.

Токму голманот Рамсдејл е главен трагичар откако го прими првиот гол со катастрофална грешка по само 27 секунди игра. Тој му ја даде топката во нозе на Алкараз, а фудбалерот на Саутемптон го искористи тој подарок и стрелаше прецизно за 0-1. Арсенал беше се уште во шок, а Саутемптон веќе поведе со 0-2, од контранападот што во гол го претвори Тео Волкот. Мартинели намали на 1-2 на асистенција на Сака, а при овој резултат Алкараз беше спасител на Саутемптон, од самата гол-линија вадејќи ја топката по ударот на Бен Вајт.

Второто полувреме донесе нов нокдаун за „топчиите“, откако Чалета Цар се најде на вистинското место по еден корнер и донесе водство од 1-3 за гостите од Саутемптон. Арсенал се мачеше се до 88. минута, а потоа за три минути постигна два гола, најпрвин прецизен беше Одегард, а потоа и Сака за 3-3 во 90. минута.

Главниот судија реши да го продолжи мечот осум минути, но нив Арсенал тргна во тотална офанзива, Тросар ја погоди гредата, но домаќините немаа сили за целосен пресврт, освојувајќи само еден бод на овој натпревар.

Се вчитува...