Ако не успее со Покетино, Челси тргнува по тренерот на Чурлинов

Се помал е бројот на менаџери кои сакаат да работат во Челси. Вчера се појави информација дека германскиот стручњак Јулијан Нагелсман го „откачил“ Бојли, поради тоа што не сакал да работи за него.

Челси не може да најде тренер, иако многу големи имиња беа поврзувани со овој клуб во последно време. Се „олади“ и можноста Луис Енрике да седне на нивната клупа, а се чини пропадна можноста и за „кам-бек“ на Мурињо.

Сега прв фаворит за наследник на Грем Потер е Маурисио Покетино. Екс тренерот на Тотенхем и на ПСЖ е без работа, откако доби отказ од парискиот тим, а беше споменуван во многу клубови. Меѓутоа англиските медиуми откриваат дека доколку не успее со Покетино, тогаш ќе тргне во ангажман на менаџерот на Барнли, Винсент Компани. Компани имаше голем успех сезонава, откако успеа експресно да го врати Барнли во Премиерлигата, каде што игра и нашиот Дарко Чурлинов.

Челси оваа сезона веќе смени двајца тренери. Отказ доби Томас Тухел, а потоа и Грем Потер. Френк Лампард ќе ја води екипата до крајот на сезоната, но нема да биде изненадување и тој да биде сменет, со оглед дека има четири порази во последните четири меча, клубот испадна од трката за трофејот во ЛШ, и се чини следната сезона нема да игра во Европа.

Се вчитува...