Баерн Минхен и дефинитивно е во криза, а ако продолжи вака, тогаш им се заканува загуба и на титулата во Бундеслигата, откако беа елиминирани од Купот на Германија и од Лигата на шампионите. Томас Тухел нема славен старт на клупата на „Баварците“, а денеска Баерн Минхен одигра уште еднаш под нивото и загуби од неговиот поранешен клуб Мајнц со 3-1.
И покрај тоа што имаа водство на полувремето со голот на Садио Мане, сепак, Мајнц во вториот дел со три гола стигна до пресврт. „Ранливата“ одбрана на Баерн попушти најпрво во 65. минута кога Ажорк израмни, а во 73. минуа Бареиро донесе предност. Кога се чинеше дека избраниците на Тухел ќе тргнат по израмнување, уште еден шок во 79. минута им приреди Мартин.
Сега Борусија Дортмунд има шанса повторно да се врати на првата позиција, од 18:30 игра против Ајнтрахт Франкфурт. Разликата меѓу двата тима изнесува два бода.
Ако Баерн е блиску до губење на титулата, тогаш Херта е блиску до губење на прволигашкиот статус. Берлинскиот тим на домашен терен загуби од Вердер Бремен со 2-4, и уште повеќе си ја искомплицира ситуацијата околу опстанокот. Дукш постигна три гола, а Вајзер донесе 0-4. Херта само преку Нганкам и Лукебакио успеа да намали.
Во независна ситуација се најде и Бохум кој загуби катастрофално од Волфсбург со 1-5. И Хофенхајм останува да се бори за опстанокот, откако на домашен терен беа поразени од Келн со 1-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА