Њукасл го понижи Тотенхем, Вест Хем убедлив против Борнмут

Њукасл му нанесе пораз за паметење на Тотенхем, декласирајќи ги „спарси“ со неверојатни 6-1 во директната пресметка на две екипи кои атакуваа на четвртото место на табелата. Гостите од Лондон долго ќе го паметат катастрофалното прво полувреме во кое примија пет гола во 20 минути игра, по што најпрвин беше повлечен од игра Сар, а на паузата меѓу двете полувремиња во соблекувалната остана и првиот голман Љорис.

Возбудувањата на „Сент Џејмс парк“ почнаа на крајот од првата минута, кога Жоелинтон тргна во продор, шутираше, а на одбиената топка налета Марфи и ја смести во мрежата.  Тотенхем беше во шок, а Њукасл го искористи тоа и постигна и втор погодок, стрелец беше Жоелинтон, кој втрча од позадина, го мина и голманот и ја смести топката во мрежата.

Се играше самиот почеток на деветтата минута кога Њукасл поведе со 3-0, со извонредниот погодок од далечина на Марфи. Мизеријата на Тотенхем се зголеми во 19. минута, кога Исак се најде осамен пред голманот Љорис и погоди за 4-0. А само една минута подоцна на семафорот резултатот гласеше 5-0, по вториот гол на мечот на Исак.

Тотенхем намали на 5-1 преку својот капитен Хари Кејн, пред конечните 6-1 да ги постави Вилсон, непосредно по влегувањето во игра со својот прв допир со топката.

Вест Хем неочекувано лесно и убедливо славеше на гостувањето против Борнмут со 0-5, прв пат по речиси две години „чеканите“ да врзат два премиерлигашки меча со по четири постигнати погодоци. Антонио ја отвори серијата голови за овој тим, на 0-2 со глава зголеми Пакета, третиот погодок беше дело на Рајс, додека оној четвртиот – вистинска мајсторија на Форналс.

Се вчитува...