Вистински спортски хепенинг, онака како што доликува за најдобриот македонски фудбалер на 20. век Дарко Панчев, вечерва во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, на промоцијата на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.
Токму затоа и не зачудува што вечерва во „Александар Палас“ е собран целокупниот балкански фудбалски крем. А, промоцијата на документарецот почна со што друг ако не со „Ој Вардаре македонски“, химната која ги одбележа вардаровите настапи токму и од златната даркова генерација која во 1987 година стигна до шампионската титула во поранешна СФРЈ.
А, меѓи гостите на промоцијата и легендите на југословенскиот фудбал, соиграчи на Дарко Панчев од Вардар и Црвена Звезда, како Драган Стојковиќ – Пикси, Дејан Савичевиќ, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Дика Стојановиќ, Вујадин Станојковиќ, Бошко Ѓуровски, Слободан Маровиќ, Кочо Димитровски, Мето Спасовски, Васил Рингов…, како и македонскиот селектор Благоја Милевски.
Меѓу видните гости од општествениот и политичкиот живот се и Археипископот Oхридски и Mакедонски, Г.Г. Стефан, поранешниот претседател на МОК, Васил Тупуровски, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини…
„За мене е секако чест и задоволство што кариерата ќе и биде претставена и на ваков начин на филмско платно. Ми беше задоволство да соработувам со продуцентите на филмот, и се надевам дека ќе и се допадне на целокупната македонска и балканска јавност. Искрено, може да направите се што сакате, но документарец се прави само ако имате што да прикажете и кажете во него. Овој документарец секако дека е круна на се што се случи во мојата кариера. Исто така се работи и на моја автобиографска книга. Драго ми е што луѓето се сетија да ја искористат целата моја богата кариера и да направат еден интересен филм“ – истакна Панчев.
Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА