Партизан во извонредно драматичен натпревар успеа да слави на гостувањето против Реал Мадрид (87-89), поведувајќи со 1-0 во четвртфиналната серија од Евролигата. Кевин Пантер беше херојот на „црно-белите“, воедно и кошмарот на „кралевите“, погодувајќи тројка на помалку од една секунда на крајот, што значеше огромна радост за АБА-лигашот среде шпанската престолнина. Проблем повеќе за Реал е што во второто полувреме не можеше да настапи стартниот центар Таварес, кој очигледно е повреден и тешко дека ќе може да настапи и на наредниот меч во Мадрид, за помалку од 48 часа.
Натпреварот беше суперинтересен од почеток до крај, Партизан изненади со подобриот почеток благодарение на тројките на Смајлагиќ, но Реал се врати откако Дек ги презеде работите во нападот на шпанскиот гигант. „Кралевите“ се соочија со проблеми кога Муса набрзина направи две лични грешки во напад, вкупно три, по што мораше да го напушти теренот, а Пантер го врати Партизан во водство. Во супердраматичниот финиш Реал имаше напад за водство при 84-84, но судиите оценија дека Муса при обидот да изглуми пенал го фаулирал Пантер.
Следеа две слободни фрлања што Американецот ги погоди, но Дек реализираше под лична грешка на Лидеј, па Реал додје до 87-86 на дваесетина секунди до крајот. Обрадовиќ зеде тајмаут, топката заврши кај Пантер, кој со одлична тројка преку Јабуселе донесе огромна победа за „црно-белите“.
Пантер со 26 поени и шест асистенции беше главна фигура во победничкиот тим, а по 11 постигнаа Лесор, Смајлагиќ и Ексум. Дек со 24 поени беше најдобар поединец во таборот на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА