Трите ривали за титула во македонската Прва лига, денеска имаат домашни задачи. Сите три тима Струга ТЛ, Шкендија и Шкупи играат на свој терен против Тиквеш, Брегалница односо Силекс. Во оваа фаза на првенството, сега веќе нема права на кикс ниту еден тим, азтоа што тоа може скапо да ги чини, односно губење на битката за титулата. Сите три екипи може да бидат во проблем ако ги потценат своите противници. Силекс, Брегалница и Тиквеш покажаа дека оваа сезона знаеле да изненадат и да земат „скалп“ на водечките.
Лидерот Струга ТЛ веќе нема комотна разлика од второпласираната Шкендија. Затоа избраниците на Шпетим Дуро денеска немаат право на грешка против Тиквеш. Стружани оваа сезона на домашен терен немаат загубен натпревар, и само три ремија, од кои две во последните пет кола. Секоја грешка на лидерот ќе може да биде казнета од Шкупи или Шкендија кои чекаат „кикс“ на првопласираниот тим.
„Атмосферата во нашиот клуб е одлична. Не чека тежок натпревар, но јас можам да ветам дека ќе дадеме се од себе трите бода да останат во Струга. Секој меч до крајот на сезоната за нас е важен, и јас се надевам дека ќе ги добиеме сите натпревари и дека титулата ќе дојде во Струга“, вели Абудлхади Јахја, играчот на Струта ТЛ.
Тешка задача е и пред Шкендија, која на домашен терен го пречекува Силекс, кој се бори за четвртото место кое на крајот може да донесе пласман во Европа. Избраниците на Ќатип Османи се во одлична серија од шест натпревари по ред сите победи, со што придонесе да се доближат само на три бода од лидерското место, наметнувајќи се како сериозни кандидати за освојување на титулата.
„Се надевам дека ќе ја продолжиме серијата на добри резултати и да освоиме повеќе бодови од ривалот, и ќе станеме шампиони. Имаме верба во себе, одиме натпревар по натпревар, самодовербата расте. Ќе дадеме се од себе на сите преостанати натпревари да дојдеме до сите победи“, рече Бруно Дита, фудбалерот на Шкендија.
Шкупи после турбуленциите оваа сезона, сега се надева на киксови на ривалите, за да ја одбрани титулата. Тимот од Чаир после слабите резултати сезонава и тренерските смени, има најмали шанси за одбрана на тронот. За такво нешто им треба победа на сите натпревари до крајот на сезоната и киксови на ривалите. Од друга страна чаирчани треба да внимаваат и да не го загубат третото место, со оглед дека кратовски Силекс им се доближи само на три бода. Денеска на Чаир гостува Брегалница, екипа која игра добро во оваа 2023 година, и минатата недела го доживеа првиот пораз од Шкендија на свој терен.
Прилепска Победа ако денеска не триумфира во Струмица кај Академија Пандев, и дефинитивно ќе ги загуби сите шанси за директен опстанок. Шансите и онака се загубени, но математички постојат. Доколку не победи денеска во Струмица, тогаш за Победа теоретски само е можно да дојдат до бараж местото, во кое во моментов се наоѓа тимот на Скопје. И двата тима се во лоша серија, и немаат победи на последните пет меча.
Скопје, пак, за да го избегне баражот ќе мора да брка победа против Македонија ЃП. „Лавовите“ се чини ја загубија битката за четвртото место, а не можат да бидат загрозени за дното, па така останув за нив целосно да се фокусираат кон финалето на Купот каде што ќе се борат за пехарот против Струга. Скопје, пак, ќе се бори до крај да го избегне баражот за опстанок. Но тоа нема да зависи само од нив, туку и од резултатите на Академија Пандев.
ПРВА ЛИГА, 29. КОЛО (ДЕНЕСКА 16:00 ЧАСОТ)
Струмица: АК.ПАНДЕВ – ПОБЕДА
Скопје, трен. центар Петар Милошевски: МАКЕДОНИЈА ЃП – СКОПЈЕ
Тетово: ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС
Скопје, Чаир: ШКУПИ – БРЕГАЛНИЦА
Струга: СТРУГА ТЛ – ТИКВЕШ
РАБОТНИЧКИ слободен
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА