Ракометната репрезентација на Македонија го осигура континуитетот од настапи на големите натпреварувања откако славеше на гостувањето против Луксембург со рутински 23-28, трет триумф за „црвено-жолтите“ во петтиот меч од овој квалификациски циклус. Домаќините солидно се спротивставија во првото полувреме, но штом профункционира одбраната на чело со голманот Кизиќ, експресно порасна и предноста на триумфот воопшто не беше доведен во прашање. До крајот на овие квалификации Македонија ја очекува само уште домашниот дуел со Турција закажан за недела, за осигурување на второто место во групата.
Игор Ѓоргиев го постигна првиот гол за Македонија на почетокот од третата минута, за израмнување на 1-1. Нашите ракометари не беа во ритам на стартот, па Луксембург по пет минути игра имаше водство од 3-1. Речиси секој напад на домаќините завршуваше со гол, па Луксембург за девет минути игра веќе шест пати го совлада Никола Митревски (6-4). Филип Талески беше расположен за игра и со три гола во низа донесе израмнување на 6-6, а токму асот на Вардар со ечтвртиот гол во серија го донесе и првото водство на Македонија (6-7). Домашниот голман имаше свој ден, па во првите 20 минути одбрани и два седмерци на Цветан Кузманоски и на Филип Кузмановски (8-8).
Кизиќ застана на голот на местото на Митревски и веднаш имаше одлична интервенција при 9-10. Кузмановски од контранапад донесе водство од два гола (9-11). Како што одминуваше времето, така и Македонија делуваше се посигурно на теренот, за прв прв пат стигнавме до „плус три“ (11-14), а на одмор заминавме со 12-14 по голот на домаќините во последнта минута, а потоа и нереализираниот шут на Митев.
Второто полувреме почна со нов проектил на Филип Талески, за дваесетина секунди подоцна истиот ракомет повторно да погоди рутински од контранапад, за најубедливи 12-16. Луксембург не постигна гол во првите пет минути од вториот дел, но само поради голманот Херман и новиот одбранет пенал домаќините не дозволија Македонија уште посериозно да се одлепи резултатски. Домаќините ја преполовија негативата доаѓајќи на 15-17, a потоа стигнаа и до 16-17, резултат при кој Лазаров беше принуден да побара тајмаут. Советите вродија со плод, па Македонија одигра атомски во наредните две минути, експресно враќајќи се на „плус четири“ (16-20). Костески постигна прекрасен погодок за водство од 18-23, резултати при кој домашниот селектор беше принуден да побара тајмаут.
Кизиќ собра уште една интервенција, по што Петар Атанасијевиќ погоди од полуконтра за најубедливи шест гола предност за Македонија (18-24). Одбраната на чело со Кизиќ функционираше одлично во второто полувреме, овозможувајќи рутински да го контролираме резултатот. Луксембург успеа да ја намали негативата до самиот крај, но Македонија рутински го приведе мечот до крај, со голот од седум метри што го постигна Гоце Георгиевски за конечни 23-28.
Кизиќ беше одличен на голот по влегувањето на местото на Никола Митревски собирајќи десет успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Талески со осум и Серафимов и Кузмановски со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА