Халанд сруши историски рекорд на Премиерлигата

Манчестер сити направи голем чекор кон одбрана на титулата во Премиерлигата откако во дербито на 33. коло славеше со 4-1 против Арсенал. Сити сега има само два бода помалку од Арсенал, но и два натпревари помалку, игра во фантастична форма и јуриша кон нова титула.

Дербито меѓу двата тима за историски рекорд го искористи Ерлинг Халанд. 22-годишниот напаѓач меѓу стрелците се запиша во 95. минута, што за него беше 33-ти гол во 29 натпревари сезонава. Сето тоа за рушење на рекордот на Премиерлигата во број на постигнати голови откако во неа се играат 38 меча.

Рекордот досега со 32 гола го држеше Мохамед Салах од сезоната 2017/18. А, за да стане апсолутен рекордер по бројот на голови во една сезона во англиското првенство, му недостасува само уште еден гол. Тој рекорд заеднички го чуваат ЕндрјуКол и Ален Ширер кои постигнаа по 34 гола во сезоната 1993/94 односно 1994/95.

Халанд, кој ја игра својата прва сезона во Премиерлигата, со голот против Арсенал успеа да израмни рекорд стар 71 година, кој се однесува на бројот на постигнати голови во англиското првенство на играч кој не е Британец. Досега со 33 гола го чуваше Чилеанецот Хорхе Робледо од сезоната 1951/52.

Се вчитува...