Лос Анџелес лејкерс се пласираше во полуфиналето од Западната конференција, откако во синоќешниот дуел славеше со 125-85 против Мемфис, добивајќи ја оваа плејоф-серија со 4-2 во победи.
Мемфис влезе како втор носител во плејофот, ЛА лејкерс како седми, но „езерџиите“ беа тимот што покажа далеку повеќе во изминатите натпревари. Последниот дуел воопшто и не беше интересен, „гризлите“ попуштија под притисокот дека мораат да победат, а искусниот состав на ЛА Лејкерс знаеше како да го искористи тоа, уште во првата четвртина стигна до двоцифрена предност што ја зголемуваше како што одминуваше времето, за на крајот да триумфира со преубедливи „плус 40“.
Расел ги предводеше стрелците на победничкиот тим со 31 поен, Леброн Џејмс постигна 22, додека Дејвис оствари дабл-дабл од 16 поени и 14 скокови.
Голден Стејт не ја искористи првата „меч топка“ во серијата со Сакраменто, губејќи на домашен терен со 99-118, по што серијата е израмнета на 3-3 во пресрет на мајсторката во Сакраменто. Монк со 28 и Фокс со 26 поени го предводеа Сакраменто до овој голем триумф, кај Голден Стејт најефикасен беше Кари со 29 пред Томпсон со 22 поени, но без преголема помош од остатокот од екипата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

