Фудбалерите на Вардар од Неготино веќе го обезбедија првото место на три кола пред крајот на годинашново првенство на Третата лига-Југ пред Питу Гули од Крушево и поторно ќе играат бараж меч за влез во Втората лига на Македонија. И тоа на импресивен начин, на 18 натпревари забележаа 17 победи, со само еден пораз, беа и ефикасни, постигнаа дури 71 гол, примија само 9. По овој успех, сега сите погледи се насочени кон баражот за Втората лига, по втор пат за овие две години. Минатата сезона несреќно на пенали загубија од Караорман откако во регуларното време средбата заврши без победник 0:0. Последен пат Вардар играше во Втората лига во сезоната 2016/2017 кога испадна.
Иако има уште три кола до крајот на првенството во Третата лига-Југ, првакот е веќе познат и во Вардар сега сите погледи се насочени кон бараж мечот за повторно враќање во второлигашкото друштво каде му е и местото. Клубот има долга и богата фудбалска традиција и со години играше во Втората лига со забележлив успех.
За таа цел клубот ангажира и нов тренер, искусниот Љупчо Давитковски-Гањо кому во работата ќе му помага Миланчо Мојсов. Инаку во првиот дел Вардар го водеше тренерскиот тандем Марјан Стојанов и Марјан Смилков. Ова се фудбалерите на Вардар кои го освоија првото место во Третата лига-Југ: Стефан Стефанов, Дарко Мојсовски, Жарко Донев, Ѓорѓи Шишков, Александар Трајков, Дарко Иванов, Стефан Костовски, Жарко Донев,Пане Гогов, Антонио Јанев, Кирил Неделков, Петар Ристовски, Марјан Ило,Дарко Нацев, Петар Најдов,Бранко Андонов, Јане Колев и Слободан Манев.
Претседател на клубот е поранешниот репрезентативец на Македонија и еден од најдобрите фудбалери во историјата на Вардар Сашо Крстев, кој верува дека годинава ќе имаат повеќе среќа во баражот за Втората лига, но и поставува едно прашање до ФФМ, зошто прваците на третите лиги мораат да играат бараж натпревари. Зарем не е можна некоја друга алтернатива за пласман во Втората лига.
Вардар е формиран во далечната 1938 година,има богата фудбалска традиција и со години беше член на Втората лига на Македонија. Да ги потсетиме нашите читатели на познатите фудбалски имиња кои го носеа неговиот дрес. Од постарата генерација Герасим Мантев, кој подоцна беше и претседсател на клубот и Ордан Најдов кој играше за Вардар од Скопје во Првата лига на Југославија. Од поновата браќата Сашко и Миле Крстев. Сашко има играно за Победа, Вардар/С/, Ренова, Милано, Атанаикос/Грција/ и ГОШК Габела/БИХ/, додека неговиот брат Миле настапувал за Металург, Победа, Атанаикос и за клубовите од Холандија, Гронинген, Вендам и Херевен. Познато фудбалско име од поновата генерација од Неготино е и Никола Ѓошевски кој го носел дресот на Вардар/С/,Македонија /Ѓ.П/ и Силекс, потоа на Спартак од Москва, Митлијанд/Данска/ како и на Родос и Етникос од Грција.Да не ги заборавиме Горан Стојановски/Вардар/С/, Работнички и Беласица/ и Горан Тодорчев /Работнички и Осиек.
Од Неготино е и нашиот најголем фудбалски бисер во женска конкуренција репрезентативката Наташа Андонова, сигурно најдобра фудбалерка во историјата на македонскиот женски фудбал, која има настапувано за клубовите Потсдам /Германија/, Розенборг /Норвешка/, за Пари Сен Жермен, Реал Мадрид, а сега е членка на шпанскиот прволигаш Леванте.
Миодраг Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА