Еуро Никел направи џиновски чекор кон полуфиналето во плејофот откако славеше на премиерниот меч од серијата со ТФТ, и тоа на гостински терен во СРЦ „Кале“ со резултат 62-70. Кавадарчани одиграа одличен меч, одбраната беше на вистинско ниво во последните десет минути и им ја донесе победата, што значи дека со триумф по неколку дена во својата сала „Јасмин“ повторно би се пласирале меѓу најдобрите четири екипи во мак-баскетот.
Уште од самиот почеток се водеше израмнета борба, ТФТ се одлепи пред крајот на четвртината поведувајќи со 23-17, но Еуро Никел ја заврши четвртината со шест поени во низа и израмни на 23-23. Ваква битка продолжи, Костоски со тројка израмни на 40-40 на крајот од полувремето, а потоа во сличен ритам се играше и во третата четвртина. Пресудни се покажаа последните десет минути во кои ТФТ се мачеше да најде лек за одбраната на кавадарчани, домаќините во овој период постигнаа само 10 поени, наспроти 17 на Еуро Никел, па тимот предводен од Горан Самарџиев заслужено се радуваше на победата.
Планиниќ со 19 поени и 12 скокови беше главен играч во овој триумф на Еуро Никел, 16 реализираше Гавриловиќ, додека Симоновски и Андерсон со по 13 поени ги предводеа стрелците кај ТФТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА