Ракометарите на мегдан со Турција – со стил да се запечати визата за ЕП 2024

Ракометната репрезентација на Македонија денеска во 18 часот ќе ја пречека Турција во последното коло од квалификациите за ЕП 2024. „Црвено-жолтите“ веќе го осигураа пласманот на ЕП, но мотивот останува – со победа да се стави печат на новиот пласман на едно големо ракометно натпреварување.

Турците допатуваа мотивирани во Скопје, свесни дека со сензација вечерва можат да стигнат до билет за ЕП. Сепак, повеќе од јасно е дека квалитетот е на наша страна и доколку Македонија одигра онака како што знае и умее, „црвено-жолтите“ ќе стигнат до посакуваниот резултат. Впрочем, Македонија во првиот дуел со Турција како гостин славеше со убедливи 27-36, издание што избраниците на Кире Лазаров се очекува да го повторат и денеска во СЦ „Борис Трајковски“, пред своите верни навивачи.

„Во Скопје сега посакувам полна сала и со нова победа и на најдобар можен начин да го заокружиме овој квалификациски циклус“, изјави селекторот Лазаров по последниот триумф над Луксембург.

Денешниот натпревар ќе биде и последен во репрезентативната кариера за Гоце Георгиевски, одличниот крилен ракометар кој по повеќе од една деценија настапи во репрезентативниот дрес, вечерва ќе се збогува од националниот тим.

„Го гледавме последниот дуел на Турците со Португалија, јасно ни е дека ќе бидат максимално мотивирани, тие ќе одат на се или ништо бидејќи се свесни дека со победа можат да стигнат до историски пласман на ЕП. Сепак, тоа е само нивна математика, аденеска ќе се прашува Македонија. Квалитетот е на наша страна и ако одиграме како што знаеме очекувам да стигнеме до посакуваниот резултат. Ние сакаме да ги завршиме овие квалификации како што доликува на една квалитетна репрезентација, со сигурна победа на домашен терен да го осигураме пласманот на ЕП 2024“, изјави Георгиевски.

Се вчитува...