Николиќ доби жестока казна, ќе следи и отказ од МЗТ Скопје!

Драган Николиќ неславно ќе ја заврши својата авантура како тренер на МЗТ Скопје, српскиот стратег најпрвин не успеа да обезбеди опстанок во АБА1, за потоа апсолутно да се посрамоти со своето однесување на првиот плејоф меч со Кожув. За потсетување, тренерот на МЗТ влезе на терен и го турна противничкиот кошаркар Гордон кој беше тргнат во акција кон кошот на аеродромци, по што само поради прибраната реакција на членовите на двата тима не дојде до уште посериозен инцидент.

Па, Николиќ доби суспензија од огромни десет натпревари, што практично ќе значи дека Србинот нема да може да седи на клупата на МЗТ до крајот на овој плејоф. Дисциплинецот Милојевиќ не покажа милост, апсолутно заслужено доделувајќи му ригорозна казна на стратегот на актуелниот првак, кој е познат по својот темперамент, но овојпат се надмина себеси со неспортскиот однос.

Неофицијално, оваа казна ќе го означи и крајот на Николиќ како стратег на МЗТ Скопје. Неговото заминување беше предвидено за летово, но сега целиот процес ќе биде забрзан, па се очекува Србинот да добие отказ во наредните денови, кога веќе е јасно дека нема да може да седи на клупата до крајот на шампионатот.

Нема никакви дилеми околу неговиот наследник, тоа ќе биде Васко Атанасов, младиот стратег под чие водство МЗТ славеше сезонава на гостувањето против Сплит. Се очекува овој стратег најпрвин да го води тимот до крајот на плејофот, а ако успее да ја оправда фаворитската улога и да стигне до титулата, да остане на чело на МЗТ Скопје и за наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...