На иницијатива на градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претседателот на Советот на општината Дејан Митески, фудбалскиот клуб Вардар ќе добие нов спортски терен во Аеродром каде ќе може да ги одржува подготовките, натпреварите и тренинзите.
Градоначалникот Тимчо Муцунски денеска оствари средба со „Комитите“ притоа преку официјалниот фејсбук профил потврдувајќи го тоа кое пред неколку денови го најави ЕКИПА, дека навивачката група е новиот сопственик на Вардар преземајќи 75% од акциите на црвено-црните.
„ФК Вардар е име кои има долга традиција, гордост на Македонија и македонскиот спорт, а ние на ваков начин даваме силна и недвосмислена поддршка за клубот. Денеска, во мојот кабинет остварив средба со претставници на навивачката група Комити Скопје, која од неодамна е сопственик на клубот. На состанокот разговаравме за иницијатива поврзана со спортскиот терен лоциран во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“. Oчекувам по завршување на соодветната законска постапка, овој спортски терен да биде ставен на располагање за потребите на навивачите и клубот. Да го поддржуваме македонскиот спорт и да се радуваме на нови успеси!“ – напиша Муцунски во својата објава на фејсбук.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА