Ангажманот на нов голгетер ќе биде приоритет на Баерн Минхен во летниот преоден рок, а Хасан Салихамиџиќ се чини дека го избра главниот кандидат за нова „деветка“ на баварскиот гигант. Иако се споменуваа и Хари Кејн и Виктор Осимен, челниците на Баерн погледите сега целосно ги насочија кон Коло Муани од таборот на Ајнтрахт Франкфурт.
Трагичарот на Франција од финалето на СП во Катар повторно игра во одлична форма на клупски план, привлекувајќи го вниманието на неколку европски гиганти. Манчестер Јунајтед исто така ги следи настапите на Коло Муани, што беше причина Баерн уште во текот на сезонава и официјално да ги стартува преговорите со Ајнтрахт за францускиот интернационалец. Како што информира влијателниот германски весник „Билд“, првата проценка на Баерн за Коло Муани изнесува 60 милиони евра, сума на која баварците би додале уште 20 милиони поврзани со неколку клаузули.
Ајнтрахт го има проценето својот најдобар фудбалер на 120 милиони евра, но двата клуба се согласни за нова рунда на преговори, се со цел Муани пред крајот на сезонава да потпише договор со Баерн Минхен, а Ајнтрахт одлично да заработи од овој трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА