Еурофарм Пелистер е на чекор до шампионската титула во мак-ракометот откако „пелистерци“ по голема борба го совладаа Вардар со 26-23, правејќи џиновски чекор кон трофејот што го чекаат веќе 18 години. За разлика од лани кога потфрлија во клучниот меч на домашен терен, овојпат битолските „фармацевти“ беа поумешни кога беше најважно, во последните десет минути успеаја да се одлепат и на крајот заслужено да стигнат до победата.
Домаќините тргнаа фуриозно од самиот почеток, лесно наоѓајќи го патот до мрежата на „вардарци“. Недановски беше немоќен, побара тајмаут при 8-5, а откако неговите совети не го разбудија тимот на Вардар беше принуден да побара уште една минута одмор. Еурофарм Пелистер имаше најубедливи 12-8, но Вардар се врати во дуелот благодарение на одличниот Борко Ристовски, кој влезе во игра на местото на Томовски и овозможи камбек, по што на одмор се замина со 13-12.
Вториот дел донесе исто така максимално израмнета игра, барем до завршните десет минути. Вардар на стартот израмни на 13-13, но „пелистерци“ беа поумешни кога беше најважно. „Црвено-црните“ делуваа без идеја во нападот кога беше најважно, Костески постигна значајни голови од контранапад осигурувајќи ја победата на пет минути до крајот. Вардар до крајот намали на „минус три“, но шампионот немаше време за нов камбек, па фештата во Битола почна, и сигурно ќе трае до длабоко во ноќта, за прослава на огромниот триумф што широко ја отвора вратата кон титулата.
Хосни и Костески беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер со по шест гола, пет постигна Хенеберг, а четири Суси. Кај Вардар најзабележителни беа Талески со шест и Манасков и Георгиевски со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА