Ќе има вечно дерби во полуфиналето: Работнички прв го освои Гостивар и закажа дуели со МЗТ

Работнички е тимот што ќе му се спротивстави на шампионот МЗТ Скопје во полуфиналето од кошаркарскиот плејоф откако „центарци“ славеа на денешната мајсторка против Гостивар, и тоа на гостински терен со убедливи 63-77. Гостиварци цела сезона беа горди што не знаеја за пораз во својата сала, но денеска потфрлија на најважниот натпревар пред верните навивачи, пред се поради катастрофалниот напад и само 63-те уфрлени поени.

Уште од самиот почеток се виде дека гостите од Скопје се максимално мотивирани, по убедливата победа на свој терен да триумфираат и на оваа мајсторка. Предводени од младиот Шошкиќ тие уште во првата четвртина стигнаа до двоцифрена предност (6-16), а по десет минути игра резултатот гласеше 13-25. Гостивар намали на „минус шест“ во вториот период, а потоа домаќините на самиот почеток од третата четвртина успеаја и да дојдат на само еден поен негатива (41-42). Џелетовиќ и Малешевиќ постигнаа важни поени со кои „центарци“ се вратија во ритам во нападот, но до крајот на четвртината се водеше израмнета борба и во последните десет минути се влезе со само два поени предност за Работнички (51-53).

И кога беше најважно, Гостивар беше далеку од посакуваниот ритам во нападот, избраниците на Малинков во завршните десет минути постигнаа само 12 поени, двојно помалку од гостите кои погодија тешки шутеви, за рано да се одлепат и рутински да го приведат мечот до крај.

Американецот Умпиг постигна 17, Малешевиќ 16 поени, Шошкиќ реализираше 12, додека Џелетовиќ оствари дабл-дабл од 11 поени и 11 скокови, надополнети со седум асистенции. Во таборот на Гостивар најефикасни во денешниот пораз беа Корсантија со 18 и Жигон со 17 постигнати поени.

Се вчитува...