Обрадовиќ: Партизан заслужува секоја година да игра во Евролигата, горд сум на мојот клуб

Жељко Обрадовиќ не успеа да приреди ново чудо во кариерата – во својата втора сезона по враќањето на клупата на Партизан да го одведе овој тим до фајналфор турнирот од Евролигата.

„Црно-белите“ потклекнаа во неверојатната серија против Реал Мадрид, синоќа губејќи ја мајсторката во Шпанија иако во еден момент од овој меч имаа и огромни 18 поени предност.

„Покажавме и карактер и квалитет, горд сум на мојот тим, игравме добра кошарка. Тешко е сега да се навлегува во детали, ние игравме добра одбрана, но Реал сеедно погодуваше тешки и важни шутеви. Последниот обид на Пантер исто така беше добар, но тоа е кошарка…  Знаев дека нема да е лесно, на полувреме предупредив дека Реал ќе стори се за да се врати и тоа се случи. Севкупниот впечаток е дека дадовме се од себе, но и реално кажано – самите придонесовме да го загубиме овој натпревар“, изјави Обрадовиќ.

Трофејниот европски стручњак не го криеше задоволството од имиџот што Партизан го покажа во најсилното европско клупско натпреварување.

„Партизан по осум години се врати во Евролигата, жалиме што не ги искористивме оние 2-0 што ги имавме, но мислам дека покажавме дека Партизан заслужува да биде редовен учесник во Евролигата. Видовте каква убава слика испративме во Европа за оној трет натпревар, иако многумина очекуваа инциденти. Многу сум горд на сето она што го покажавме во Евролигата“, порача одличниот српски стратег.

Се вчитува...