Дарко Чурлинов повторно е во фокусот на вниманието на германската јавност откако македонскиот ас е актуелен со камбек во редовите на Шалке. Крилниот офанзивец му помогна на Шалке да влезе во првата Бундес-лига, но потоа не можеше да остане бидејќи клубот од Гелзенкирхен не успеа да се договори околу отштетата со Штутгарт.
Во меѓувреме Штутгарт го продаде Чурлинов во Барнли, клуб што обезбеди промоција во Премиер-лигата, но Македонецот добива мала минутажа и се подготвува повторно да ги промени клупските бои. Камбек во Шалке дефинитивно е сериозна опција, а Чурлинов не крие дека има само убави спомени од сезоната мината во овој клуб.
„Можам да кажам само убави работи за Шалке. Се вљубив во овој клуб уште на првиот меч на домашен терен, против Фортуна Дизелдорф, атмосферата беше неверојатна… Знам дека постојат одредени шпекулации на оваа тема, но ако луѓето од Шалке ме сакаат назад, јас ќе донесам одлука“, изјави Чурлинов за весникот „Билд“.
Тој се осврна и на сезоната во Барнли, потенцирајќи дека поради незгодна морал предолго да паузира.
„Мислам дека почетокот на сезоната воопшто не беше лош за мене, добро тренирав и играв натпревари. Потоа, при еден шут на тренинг се здобив со кинење на мускулот, и тоа многу сериозно. Следеше пауза, потоа се вратив на тренинзи, но по таа повреда веќе ништо не беше исто“, прокоментира Дарко Чурлинов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

