Кои се математиките за второлигашки опстанок: Саса се спасува со бод од Битола, Тетекс мора до победа во Врапчиште

Воска Спорт и Гостивар се новите прволигаши во македонскиот фудбал откако на едно коло пред крајот си го обезбедија елитниот статус, а Вардар како третопласиран ќе игра бараж со Скопје за влез во Првата лига.

Па, откако се е познато на врвот, јасно е дека денешното 30. коло во Втората македонска фудбалска лига ќе го даде единствено епилогот во битката за опстанок кој го посакуваат Каменица Саса, Тетекс и Локомотива.

Согласно табелата, јасно е дека Каменица Саса и Тетекс сами ќе одлучуваат околу својот опстанок. 12-та позиција на табелата, на која во моментов е Каменица Саса со 30 бода, носи директен опстанок во второлигашката конкуренција, додека 13. место, на кое во моментов е Тетекс со 28 бода, носи во баражот за останување во Втора лига.

На Каменица Саса на денешното гостување против Пелистер, на кого дуелот ништо не му значи, во Битола им е неопходно реми или победа за да го обезбедат опстанокот затоа што имаат подобар скор во меѓусебните дуели со Тетекс.

Тетекс, пак, ќе мора задолжително да бара победа против Арсими во Врапчиште но и да очекува помош од Пелистер кој мора да ја победи Каменица Саса. Во еден таков случај тимот од Каменица Саса ќе заврши на 13. место и ќе мора да игра бараж за останување во Втората лига.

За Локомотива единствена е опцијата, победа против петтопласираната Беса, а потоа да чека Тетекс да не победи во Врапчиште. Ни една друга комбинација на Локомотива не и одговара, па ни бод со Беса при пораз на Тетекс, поради лошиот меѓусебен скор со тетовци.

ВТОРА ЛИГА – 30. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Пелистер – Каменица Саса

Локомотива Пехчево – Беса

Арсими – Тетекс

Караорман – Гостивар

Борец – Воска Спорт

Детонит Плачковица – Слога Виница

Охрид Лихнидос – Беласица

Кожув – Вардар

Се вчитува...