Вардар и Еурофарм Пелистер во нов меѓусебен дуел ќе го одлучат освојувачот на Купот на Македонија за сезоната 2022/23, меч што ќе се игра со почеток во 18 часот во салата „Билјанини извори“ во Охрид. „Вардарци“ ја имаат улогата на бранители на трофејот, во полуфиналето полесно од очекувањата го совладаа незгодниот состав на Алкалоид, па ќе се обидат да одбранат барем еден трофеј сезонава, откако поразот во Битола минатиот викенд ги оддалечи од титулата во плејофот.
Добра вест за „вардарци“ е што Дејан Манасков, кој заработи ситна повреда на полуфиналето со Алкалоид, ќе биде подготвен за настап во големото финале. На „црвено-црните“ ќе им биде неопходна и голманска помош каква што имаа од расположениот Томовски во тој полуфинален дуел во четвртокот.
На спротивната страна, „пелистерци“ влегуваат во денешното финале полни со самодоверба по последниот триумф над Вардар во Битола. Згора на тоа, битолчани ќе бидат и нешто поодморени за мечот за трофејот, откако рутински го добија полуфиналето со Пролет, меч на кој тренерот Јовиќ им даде заслужен одмор на дел од клучните ракометари.
Само за потсетување, овие два тима беа финалисти и ланската сезона во Купот на Македонија, кога во Кавадарци тимот на Вардар славеше со минимални 23-22 со голот што во самиот финиш го постигна Филип Талески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА