Јунајтед триумфално, Челси пак се „сопна“, Саутемптон испадна од Премиер-лигата

Манчестер Јунајтед славеше над Вулверхемптон со 2-0, резултат со кој „црвените ѓаволи“ го стигнаа Њукасл на табелата и направија уште еден голем чекор кон место во Лигата на Шампионите наредната сезона. Во ситуација кога Рашфорд е повреден, улогата на херој му припадна на Марсијал, кој на асистенција на Ентони ја смести топката во мрежата за водство од 1-0. Јунајтед продолжи да доминира, создаде бројни шанси за втор погодок кои останаа неикористени, се до онаа на Гарначо во 94. минута, кога младиот Аргентинец стрелаше прецизно за конечни 2-0 на „Олд Трафорд“

Челси повторно се избламира на домашен терен, играјќи само 2-2 против Нотингем Форест. Гостите имаа водство по првите 45 минути, Стерлинг со два гола донесе пресврт, но Адејеми погоди и повторно го замолкна „Стемфорд бриџ“, каде домашните навивачи веќе седум натпревари во низа немаат причина за радост.

Саутемптон и математички ги загуби шансите за опстанок откако „светците“ загубија на домашен терен од Фулам со 0-2. Вториот гол за гостите беше дело на Александар Митровиќ, кој се врати по суспензијата од осум натпревари и само седум минути по влегувањето во игра ја запечати победата на Фулам.

Резултатската криза на Тотенхем се продлабочи со денешниот пораз од Астон Вила од 2-1. Рамзи во раната фаза од натпреварот ги донесе „спарси“ во водство, на 2-0 од слободен удар зголеми Даглас Луиз, а „спарси“ во финишот успеаја само да го ублажат поразот со пеналот што го изнуди и што го реализираше Хари Кејн.

Резултати Англија:

Манчестер Ј. – Вулверхемптон 2-0, Астон Вила – Тотенхем 2-1, Челси – Нотингем Г. 2-2, Саутемптон – Фулам 0-2, Кристал Палас – Борнмут 2-0.

Се вчитува...