УЕФА избра судија за реваншот: Милан никогаш не победил со него, Интер има три порази на четири натпревари

Клемен Турпан од Франција ќе биде задолжен за делење на правдата на претстојниот реванш од полуфиналето од Лигата на Шампионите меѓу Интер и Милан, на кој „нероаѕурите“ ќе ја бранат предноста од два гола по триумфот на првиот меч над градскиот ривал.

УЕФА го избра токму Турпан за главен судија, со Данос и Паже како помошници и Стефани Фрапар како четврти судија, но интересно е да се каже дека и Интер и Милан немаат најдобри спомени од овој арбитар.

Имено, Интер досега четири пати се сретнал со Турпан, при што „нероаѕурите“ имаат три порази, првиот уште во сезоната 2012/13, на домашен терен од Хајдук со 0-2. Единствената победа Интер ја забележа во 2018 година, кога со пресврт со головите на Икарди и на Весино го победи Тотенхем со 2-1, по што следеше и поразот на „Сантијаго Бернабеу“ од Реал Мадрид со 3-2. „Нероаѕурите“ беа бесни на Турпан по тој натпревар, поради недосудениот прекршок од Менди врз Хакими кој резултираше со гол на Карим Бензема. Тој последен пат му судеше на Интер на отворањето на сезонава во ЛШ, кога италијанскиот гигант на домашен терен загуби од Баерн Минхен со 0-2.

Милан никогаш не забележал победа кога Турпан бил судија на натпревар на „росонерите“, бележејќи две реми и еден пораз. Мора да се истакне дека последното реми беше среќно за „росонерите“, токму Французинот им ја делеше правдата на реваншот со Тотенхем во осминафиналето од ЛШ, каде со нерешените 0-0 Милан се пласираше во следната рунда.

Единствениот пораз Милан го претрпе во 2018 година во рамките на Лигата на Европа со 0-2 на домашен терен од Арсенал.

Се вчитува...