Пелистер поведе со 1-0 во полуфиналната серија против ТФТ откако во првиот натпревар славеше со убедливи 100-80 во салата „Боро Чурлевски“. Триумфот „зелено-белите“ го најавија уште во првата четвртина кога отворија со 9/9 во реализацијата од поле, притоа ТФТ немаше одговор за расположениот Хаџифејзовиќ, а и покрај камбекот на отварањето во второто полувреме, гостите не успеаја да приредат неизвесен натпревар.
Пелистер успеа да го заштити рекотот на отварањето на средбата, а и одлично ја искористи предноста во транзиција па погодувајќи ги воведните пет обиди стигна до предност од 12-0. Три и пол минутниот „пост“ на ТФТ го прекина Николов, но перфектната реализација на битолчани проодлжи до деветтиот обид од поле за дополнување предноста и 25-7. Високиот ритам не запире до крајот на првата четвртина, но ТФТ беше оној кој успеа да ја намали негативата за 34-18. Одличната игра на двата дела од теренот продолжи до крајот на полувремето во кое и двата тима блескаа во нападот и доминираа во противничкит рекет, посебно Хаџифејзовиќ кој нанижа 30 поени. На крајот на првото полувреме на семафорот имаше повеќе од 100 постигнати поени, но предноста ја зголемија битолчани за 62-43.
Агресивната одбрана на ТФТ вроди плод уште на отварањето на второто полувреме во кое гостите целосно го лимитираа домаќинот во нападот па од минута во минута избраниците на Смилковски ја топеа предноста на Пелистер. По серијата на тројки на Костоски и Батрик истата се намали на само 66-60, но „зелено-белите“ во вистинско време одговорија со своето најголемо оружје – транзиција па ја вратија двоцифрената предност (70-60) и контролата на натпреварот со што стигнаа до позитива од 83-68 пред последните десет минути. Истите беа само формалност во кои шанса добија сите играчи во ростерите, а Пелистер ја надмина границата од сто постигнати поени.
Со 32 поени и 12 скокови лидер на Пелистер беше Хаџифејзовиќ, а 23 поени додаде Маслинко. 19 поени и 6 асистенции за ТФТ реализираше Костоски, а со 13 поени и 8 скокови мечот го заврши Хогтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

