Алексеј Швед е убеден дека ќе се врати на кошаркарските терени следната сезона, откако почна со рехабилитација по тешките повреди што ги здоби откако рускиот кошаркар беше претепан пред ресторан во Москва, неколку часа по поразот на неговата ЦСКА во полуфиналната мајсторка со Локомотив Кубан.
Русинот се здоби со тешки повреди на главата, се стравуваше дека би можел да биде принуден да ја прекине предвреме кариерата, но се чини дека тоа црно сценарио сепак нема да се оствари. Швед беше во салата при вчерашниот триумф на ЦСКА над Зенит, по што даде и охрабрувачка изјава за медиумите.
„Се чувствувам добро, мило ми е што можев да дојдам во салата и да дадам поддршка. Како играч, ќе се вратам на терен следната сезона, ќе ја продолжам кариерата. Повредите се тешки, но рехабилитацијата тече добро. Имав контузија на мозокот, хематом, се уште имам уште една фрактура. Исто така, не слушам најдобро со левото уво, но верувам дека ќе ги надминам сите проблеми и пак ќе играм кошарка на највисоко ниво“, изјави Швед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

