Македонија домаќин на Европско првенство: Повеќе од 200 европски кајакари од утре на Матка на собирот на најдобрите на континентот!

Македонија од утре па до 20. мај ќе биде домаќин на голем спортски настан, Европското првенство за сениори во кајак спуст на диви води кое ќе се одржи на Матка .

Повеќе од 200 кајакари од 18 земји ќе учествуваат на натпреварите кои треба дополнително да ја промовираат Македонија како добар домаќин.

„Агенцијата за млади и спорт со задоволство учествува како партнер на Кајак Федерацијата во организација на ова Европско, кое за нас како институција и пред се држава е од големо значење. Кајак федерацијата е активно посветена и присутна во сите случувања на европско и светско ниво“ – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.

Претседателот на кајак федерација Дрилон Леши го изрази своето задоволство од пријавената бројка на натпреварувачи кои доаѓаат од различни држави. На пресот организиран во АМС со свое видување се обрати и г-ѓа Мануела Гвен, претседател на комитет за спуст при Европската кајак федерација.

Македонските погледи се кон Александар Златанов и Кристијан Лазаров од кои очекуваме влез во финалните натпревари. По 2017 година, ова е второ Европско првенство на кое Македонија е домаќин, со надеж за идна организација и на Светско првенство.

Според програмата, среда и четврток првите два дена од првенството се трките во спуст класик , а последните два дена се трките во спуст спринт. Финалните натпревари во сабота ќе бидат пренесувани во директен пренос на МРТ.

Се вчитува...