Никола Јокиќ уште еднаш потврди дека е најдобар кошаркар во НБА-лигата во моментов, со ново извонредно издание предводејќи го Денвер до триумф над ЛА лејкерс од 132-126, на стартот од финалната серија во Западната конференција. „Езерџиите“ се надеваа дека ќе имаат доволно оружје во арсеналот за одбрана од Јокиќ, но се случи токму спротивното, па Србинот целосно доминираше на теренот, остварувајќи неверојатен трипл дабл од 32 поени, 21 скок и 14 асистенции.
Денвер тргна фуриозно, домаќините одиграа беспрекорно во нападот и поведоа со двоцифрена предност уште во првата четвртина (37-25). Доминацијата на домашниот состав продолжи, па така во третата четвртина Денвер имаше и „плус 20“, но во периодот во кој Јокиќ не беше на теренот гостите од Лос Анџелес го почнаа својот камбек, јасно ставајќи го знаење дека немаат намера да се предадат. Сепак, српскиот ас се врати на теренот и не дозволи целосен пресврт на гостите, па овој премиерен меч од финалето на западот заврши со заслужена победа на Денвер нагетс.
Ова беше шести трипл-дабл на Јокиќ во овогодинешниот плејоф, со што на Србинот му недостига само еден ваков меч за да го стигне историскиот рекорд на Вилт Чембрлен, кој е единствениот со седум трипл-дабл натпревари во едно сезонско доигрување.
Одлична игра покрај Јокиќ кај Денвер прикажа и Мареј со 31 поен. На гостите не им помогна ниту одличното издание на Дејвис (40 поени и 10 скокови), додека Леброн Џејмс беше многу блиску до трипл-дабл, завршувајќи го натпреварот со 26 поени, 12 скокови и 9 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

