Пеп бара лек за проклетството наречено „полуфинале во ЛШ“

Пеп Гвардиола важи за еден од најдобрите тренери на денешницата, освојувајќи бројни трофеи во сите клубови во кои што работи. Сепак, од најдобрите секогаш се бара перфекција, па токму затоа на Гвардиола за зло му се зема што долго, долго време не знае за триумф во Лигата на Шампионите, натпреварување што го нема освоено откако си замина од Барселона.

Тој вечерва ќе го предводи Манчестер Сити на реваншот со Реал Мадрид да обезбеди место во големото финале, со горки спомени од ланските дуели со „кралевите“ во истата оваа фаза од натпреварувањето, кога Сити неочекувано беше елиминиран иако важеше за голем фаворит. Низ годините, традицијата вели дека токму полуфиналето во ЛШ е фазата во која Пеп Гвардиола најчесто бил елиминиран од елитното европско натпреврување. Впрочем, ова ќе биде негово десетто полуфинале во ЛШ, при што Гвардиола има скор од три победи и шест порази.

Победите ги забележа со Барселона при освојувањето на двете титули европски првак, а потоа и со Манчестер Сити, кога стигна до финалето, но таму беше елиминиран од Челси предводен од Томас Тухел.

Првиот полуфинален пораз го претрпе како тренер на Барселона, кога загуби од Интер на чело со Жозе Мурињо во сезоната 2009/10. Наредната сезона успеа да стигне до титулата, во полуфиналето елиминирајќи го Реал со Мурињо, а останува запишано и дека Гвардиола во својата последна сезона во Барселона повторно беше елиминиран во полуфиналето од Лигата на Шампионите, овојпат од Челси.

Потоа трофејниот стратег се пресели во Баерн, доминираше во Бундес-лигата, но три години по ред губеше во полуфиналето од Лигата на Шампионите. Најпрвин беше демолиран во Минхен од Реал со 0-4, следната година налета на Лео Меси и Барселона, додека во последната сезона беше елиминиран од Атлетико Мадрид.

Следеше преселба од Манчестер Сити, тим во кој се инвестирани над една милијарда фунти, но се уште не е донесена „главната награда“ – пехарот во Лигата на Шампионите. Во првата сезона испадна од Монако со Мбапе и Бернардо Силва, а наредната година Сити беше елиминиран од Ливерпул во четвртфиналето. Следеа шокантни елиминации од Тотенхем во 2019 и од Лион во 2020 година,

Во 2021 година конечно стигна до финалето каде загуби од Челси, за лани да следи шокантниот пораз по продолженија од Реал Мадрид што значеше крај на новиот европски сон на Пеп.

Вечерва тој има шанса да им се одмазди на „кралевите“ предводени од Карло Анчелоти, па останува да се види дали Гвардиола повторно ќе успее да го прекине проклетството наречено полуфинале во ЛШ, кое го урна само еднаш откако си замина од „Камп Ноу“.

Се вчитува...